јасли само мн.

јасли (само мн.)

ДЕПА: Коте, ние си заседнавме и не ни текнува да станеме. Говедата се врзани на јасли, ќе рикаат за јадење.
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
Невестата Митра го наполнила кошот, ама многу е стегната рака, та само неколку сламки најде во јаслите.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Нешка ги свитка ортомите на малата маска и ја поведе да ја врзе на јаслите.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Така се разделија сваќите Цвета и Петра, а вдовецот Илко веќе ги врзуваше маските на јаслите и ѝ викаше на снаа му Митра да донесе зоб да им даде.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Пристигаат троми пристигаат уморените коњи на просторот (дождови бледи беспатни и неми) пред јаслите на моите дланови на прозорот
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Сужните ги втераа во еден од авурите и ги затворија заедно со дванаесетте коњи; им дадоа пак по парче леб и по некоја голтка вода и им ги заклучија рацете, врзувајќи ги крајните синџири за по еден од диреците на јаслите.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Овцата почна да клоца, да се отима, чувствувајќи дека ѝ се подметнува туѓо јагне, и избега на другиот крај од јаслите.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Бојан ги прибра во тремот, ги собра во долната половина, каде што во јаслите го беше наредил сеното, и ги загради со една леса, која служеше, кога е потребно, тремот да се преградува на две.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Додека тие една преку друга, туркајќи се по тесната патека, се спуштија кон потокот, Бојан се качи во плевната и нафрла пет-шест вили сено. Таму, покрај ѕидот имаше ниски јасли.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Почна со јаслите од долни крај, продолжи со амбарите, каците, ноќвите, а кога и овие се досвршија им се загнаа на кочините, говедарниците, та дојде редот и на племните во кои живееја селаните.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Си велам: ај, да слезам, да видам што прават, да не се заплеткале нешто на јаслите.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Си ја удира на коралницата, на јаслите, во ѕидот и офка.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Здола, на јаслите, се чеша кравата, првка и потклоцнува магарето, како човек да ти чука на врата.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Се вртеа тој и жена му околу неа и не знаеја што да ѝ прават; ѝ бараа стршлен во кожата, не ѝ најдоа; ѝ бараа трн во нозете, рана некоја, но не ѝ најдоа; ѝ даваа вода, да пие, ѝ даваа да јаде, но таа само рикаше; ја измолзија за да ѝ го олеснат млекото во вимето, но таа и понатаму рикаше; ја одврзаа од јаслите, ја извадија од кералот, ја пуштија да шета низ дворот, низ бавчите, но таа никако да се смири: рикаше ли рикаше.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Таму, на другиот крај на трлото, пред јаслите, Нове Перуноски, најмалиот од браќата Лазорови, му свети држејќи запалена вивка в раце.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
А кај да го сместам кога нема ни домови, ни детски јасли.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Ме чувала додека мама била на работа, не се согласила да ме носат во јасли и градинка - како што ги носат другите деца.
„Клучарчиња“ од Бистрица Миркуловска (1992)
Користи, кравата, што сум заглавен во нејзините јасли за да се прегледа и таа.
„МАРГИНА бр. 19-20“ (1995)
Стефан беснееше, се престоруваше во гуштер одвратен, во молец што ги јаде јаслите сопствени; Пелазгиј веќе сосема побледе и само јас видов дека дланката од десната рака на Писмородецот му се стега под ризата во тупаница.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Беше болен, немоќен беше, блед, како молец што ги изел јаслите свои, ткаенината во која се родил (пајакот никогаш, макар и најгладен бил, не јаде од мрежата своја, од делото на утробата своја); таа ноќ, кога му го покажав пајакот грозен во ковчежето, сила незнајна, сила ѓаволска го крена на нозе, и тој со мене појде, кон гревот негов, мене што ми се пиша во книгата на вересиите божји.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Повеќе